👁️  1734

Разговараме со угледниот универзитетски професор Самоил Малчески, за скандалозната изјава на министерката за култура Бисера Костадиновска и за непримерниот однос кон македонските граѓани од страна на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски со неговите конфузни, двојни и различни изјави за Францускиот предлог.

АНАЛИТИКУМ: Дали скандалозната изјава и препораката на Министерката за култура Бисера Костадиновска, да се пишува и твори за иднината на теми кои ќе го развеселат народот е почеток на цензурата во Македонија и последица на протоколот со Бугарија?

Во суштина ваквото однесување на Костадиновска е спротивно на Уставот на Република Македонија, член 47 кој гласи, цитирам: „Се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Се гарантираат правата што произлегуваат од научното уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата. Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој. Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.“

Место Костадиновска да се дообјаснува што мислела да каже, а ние секако не сме ја „разбрале“, редно е барем да почне да ги почитува Уставот и законите на Република Македонија, секако од култура појма нема. Од нејзината биографија објавена на официјалната страна на Министерството може да се воочи дека прв работен ден во овој сектор и е како Министер.

АНАЛИТИКУМ: Дали ова нејзина изјава може да се поврзе со цензурата на дел од изведената програма за Илинден, каде беа цензурирани и скратени делови од македонски песни?

Очигледно е дека не само Костадиновска, туку и сите Министри и функционери, како и пратениците на СДС избегнуваат да ги користат зборовите Македонија, Македонски народ, Македонска држава, Македонски јазик. Под чудни околности исчезнуваат строфи од Химната на Република Македонија, па сега гледаме дека под сомнителни околности исчезнуваат и строфи од други Македонски песна. Јасно е дека место да ги чуваат Македонските национални интереси, тие се обидуваат да им се додворат на нашите соседи се со цел подолго останување на власт и крадење од државниот буџет. Па оттука, освен политиканство, сервилност и подаништво тие луѓе и друго не знаат да работат. Кога во суштина ќе ги видите биографиите не само на Костадиновска, туку и на скоро сите функционери и пратеници од власта може лесно да извлечете заклучок дека преку 95% од тие биографии се шупливи.

АНАЛИТИКУМ: Дали е дволичност од страна на претседателот Пендаровски во изјавата за еден македонски медиум дека тој незнае за Франсцускиот предлог и истиот го нема видено, за потоа да излезе со изјава дека од почеток тој бил на линија со францускиот претседател Макрон и заедно го подготвувале?

Ова не му е прв пат на Пендаровски. Очигледно или станува збор за подвоена личност на која и треба сериозна медицинска помош или толку многу лаже што заборава каде и што кажал или со своите изјави се обидува да им се додворува на владеачките партии се со цел да добие нивна поддршка за втор мандат. Во секој случај, ваквото негово оденување е недопустливо, бидејќи сепак функцијата Претседател на држава е сериозна функција.

АНАЛИТИКУМ: Дали овој предлог и протоколот потпишан со Бугарија од страна на министерот Османи следните години кои престојат ќе ја внесат Македонија во бурни води и во активна политичка уцена?

Прво иако од Владата не убедуваат дека сме почнале преговори, дури и далеку од јавноста славеа во Клуб на пратеници во суштина ние одржавме само некаков си политички состанок после кој треба да го смениме Уставот, па да има министерски состанок на кој ќе биде презентирана и прифатена преговарачката рамка и така ќе почнеме преговори. Во овој момент услови за промена на Уставот нема и нема да има бидејќи пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ е стабилна и во неа нема пазарџии за мизерни интереси.

Потоа, пред протоколот и т.н. француски предлог ние имавме само едно вето, денес ние не можеме да претпоставиме колку вета ќе добиваме во процесот на преговори се додека не се исполнат администраторските амбиции на нашиот источен сосед. За да им биде појасно на читателите, доколку и во некој формат ги почнеме преговорите, на пример го отвараме поглавјето 29 кое се однесува на Царинската унија, кое не можеме да го затвориме бидејќи имаме вето додека не прифатиме дека Гоце Делчев бил т.н. бугарин, нешто што е далеку од здрав памет.

АНАЛИТИКУМ: Каква е европската перспектива на Македонија и што според вас може да биде излез од политичкиот лавиринт во кој се наоѓа македонскиот народ?

Во овој момент Владата ја бетонира европската перспектива и со оваа Влада и нејзинато поданичко-предавничко однесување ние немаме никаква иднина. Според мене, брзи парламентарни избори се единствен излез од кризата. Нам ни треба Влада која ќе биде составена од интелектуалци, луѓе со лични и професионални успеси, а не една ваква аморфна Влада составена од горди послушници, луѓе со сомнителни биографии, без морал и вредности.

Потоа, таа Влада ќе има пеколно тешка задача да ја поправи катастрофално лошата позиција во која се наоѓа Македонија, да седне и да ги убеди нашите пријатели од ЕУ дека оваа преговарачка рамка е надвор од вредностите на ЕУ и надвор од веќе воспоставените политики. Паралелно со тоа, нам ни требаат реформи во сите области, пет години сме на дното, од лидери во регионот сега сме на опашката. Тука треба да се напомене дека ова не ни е прв пат, секогаш кога СДСМ се на власт во општествените процеси и во евроинтеграциите како држава се враќаме десетина години назад, посочи универзитетскиот професор Самоил Малчески.